Пролетни прозори (republished)

Ако нешто со сигурност може човек да каже за мене, тоа е дека не бев религиозен.

Всушност, сеуште не сум, особено не во шест часот наутро, и особено не тоа пролетно, саботно утро. Taзе буден и сеуште во моите омилени црвени пижами со ѓаволчиња, седев бос до мојот уште поомилен сеирџиски прозор, кој практично беше на два-три метри од улицата и имаше неверојатна стратешка прегледност на поширокиот маалски простор. Во левата рака држев едно ќесе „медени срца“. Просто ги обожував тие „душички“, како што имав обичај да ги нарекувам. Како и сите душички на овој свет, и овие беа прекриени со тесто и темно чоколадо, но сепак беа слатки и одвнатре полни со изненадувања. Јас просто обожував и изненадувања кои знаеш дека ќе ти се случат. Дали „душичките“ ги обожував поради изненадувањата или изненадувањата поради „душичките“, беше често повторувана тема на моите уште почести филозовски размислувања, па и на тоа во тој пролетен, саботен, утрински момент. Изгледајќи така поинтелегентно, бидејќи повторувањето е нели мајка на знаењето (или на лошиот стил, сеедно), извадив едно срценце од ќесето и бездушно одгризав мало парче. Почнав полека и со нескриено задоволство да џвакам…

Улиците беа пусти и сеуште мокри од ситниот ноќен дождец. Утринското небо сега беше осамено, без ниту едно сиво другарче, а сонцето едвај мрзеливо ѕиркаше на урбаниот хоризонт. Беше необично тивко како за прв ден од пролетта. Едно бело амбулантно комбе просто леташе по тесните маалски улички. Возачот внатре беше полничок и со нервозен поглед. Косата му беше разбушавена и постојано ја местеше со левата рака, а отворениот прозор како да се потсмеваше на неговите напори. Во моментот неизмерно се каеше што не ја прифати работата на медицински брат. „Другарите ќе го задевале! Па што! Барем знаеш дека кога ќе ти заврши смената, е завршена и точка, а не вака. Па што ако е најблизу со комбето!“ Се каеше и што беше тргнал накај дома, после уште една напорна трета смена, токму низ овие мали проклети улички:

– „Преку кур веќе од ова бабиве!“ – нервозно опцу и се сврте да плукне сочно низ отворениот прозор, додека остро фаќаше една кривина, влетувајќи во една мала маалска раскрсница.

Релативно младата жена носеше само црна, кратка и проѕирна наметка која делумно го покриваше нејзиното голо тело. Наметката вкусно и елегантно продолжуваше во две прекрасни, долги, сатенски нозе. Немо ја пушеше својата утринска цигара, стоејќи покрај подотворениот прозорец во спалната соба. Брадавиците на нејзините бујни гради беа цврсти и наежени од утринската свежина. Беше загледана кон дворот на куќата кој се граничеше со улицата. Претерано жолтиот лист на непретерано зелената трева и ги бодеше прекрасните крупни, сини очи:

– „Сељак!“ – изнервирано му довикна на крупниот млад човек што стоеше покрај нивниот двор, иако знаеше дека не може да ја слушне, истовремено издишувајќи го димот низ полните, меки и сензуални усни.

Додека мислеше дали да се симне во дворот и да го тргне проклетиот жолт лист, човекот, кој полугол во боксерици лежеше во креветот до неа, прекина со р’чењето, се протегна на грб и сеуште нерасонето ја погледна:

– „Маче, ај дојди во кревет да се погалиме малце.“ – и рече, полупроѕевајќи се и мљацкајќи со устата.

Воздивна, како да се помири со судбината на жолтиот лист, и легна покрај човекот во креветот. Веднаш му ја бутна левата рака под боксериците и започна да го масира, истовремено љубејќи ги неговите брадавици. Знаеше што сака. Ги почувствува неговите силни раце како го бараат патот до нејзините гради. Веќе следниот момент почна нежно да и ги масира. Воздивна. Продолжи да го љуби надолу по стомакот, а раката веќе и беше исполнета со неговата тврда и месната гордост. Извежбано со десната рака му ги подсоблече боксериците и во истиот момент умешно го прескокна со десната нога, ставајќи ја својата женственост пред неговото лице. Додека страствено му ја лижеше машкоста, ја почувствува влажноста на неговиот јазик:

– „Аааахх…“ – застенка тивко.

Во тој момент вратата од спалната соба нагло и со непријатно чкрипење се отвори и во собата втрча едно мало човече, со слатки пижамџиња со мечиња:

– „Мамо, мамо! Брзо! Баба не сака да стане!“

Еден крупен млад човек како да беше единствениот бунтовник без причина тоа утро. Забревтан и со наведнат поглед, грабеше по мокрите улици, вешто избегнувајќи ги малите водени вирчиња. Ритамот не му го нарушуваше ниту тивкото пцуење:

– „Ти ибам водата, ти ибам…“ – повторуваше мрморејќи.

Носеше сив Адидас блузон, тегет бермуди без видлива марка и „џилит“ нови, сјајно-бели Најк патики за трчање. Беше потполно сконцентриран на избегнувањето на потенцијалните водени опасности, но сепак го забележа чудниот лик, во уште почудни пижами, како седи на прозорецот покрај кој во моментот протрчуваше. Како да му се виде дека „ликот“ држи ќесе медени срца во рака, но веднаш ја отфрли таа непотребна информација од својот потполно сконцентриран мозок. Неколку метри подолу на десната патика му се залепи еден жолт лист хартија. Листот всушност беше леток кој ветуваше се она што вообичаено го ветуваат таквите летоци. Ветувањата беа испишани со големи, здебелени букви. Подигајќи ја патиката ги погледна за момент и по автоматизам, неговиот мозок ја повтори истата процедура од претходно. Сеуште нервозно пцуејќи, го одлепи и го фрли „листот кој всушност беше леток“ преку оградата на најблискиот двор. Веќе видно изнервиран, се сврте кон исчупаното куче позади него, кое го следеше веќе од поодамна и кое добродушно мавташе со уште поисчупаната опашка, весело гледајќи го својот нов пријател:

– „Џибу бе! Џибу! Ти ибам џукелата, ти ибам!“ – силно му викна.

Кучето подзастана збунето, потоа тажно ја спушти опашката и со наведната глава тргна кон спротивниот крај на малата раскрсница. Веднаш заборавајќи на кучето, се сврте и му се причини како да виде голо женско тело на еден од прозорите на куќата во чии двор го фрли жолтиот лист. Неговиот сконцентриран мозок, спремен на сите опасности, на момент како да влезе во ќорсокак, мачејќи се да го обработи степенот на потребноста на новата информација. Додека така замислено зјапаше кон куќата, му се причини како да слуша некој чуден звук, некакво свирење…

Сеуште џвакајќи ја првата „душичка“, покрај мојот прозор протрча еден утрински „џогер“ со неговото куче. За момент ме загледа чудно и неколку метри понатаму нагло подзастана. Прво, чепкаше нешто околу своите ептен бели патики, потоа некултурно фрли еден жолт лист во дворот на комшиите, за да веднаш потоа без причина му се развика на своето куче, кое потиштено тргна да ја преминува улицата. „Џогерот“ се сврте, но не продолжи да трча и се загледа накај куќата на комшиите. Во моментот забележав една залетана амбулантна кола како остро влегува во малата маалска раскрсница. Возачот доцна го забележа кучето, но сепак инстиктивно го сврте воланот за да го одбегне, вртејќи право кон замислениот „џогер“, кој ниту силната свирка на комбето не го помрдна. Ударот беше директен и силен. Телото се одби како тениско топче и практично се „закова“ на оградата од ковано железо, за која толку време ги убедував мајка ми и татко ми дека е непотребна и „селска“.

Шофершајбната на комбето беше распукана и црвена од крвта на уште пораспуканата глава на возачот. Црвениот крст на предната хауба на комбето беше покриен со уште поцрвената крв на „џогерот“. Оградата беше црвена. Лалињата во дворот на комшиите беа црвени. Моите пижами беа црвени. Па дури и ќесето со „душички“ беше црвено. Пролетта дефинитивно беше дојдена во моето маало…

Утредента додека ја чистев оградата од ковано железо, разбрав дека бабичката што живееше кај комшиите починала во сон, во текот на ноќта. Ми падна жал. Ја подигнав главата и го видов кучето, на сега трагично починатиот „џогер“, како добродушно мавта со исчупаната опашка, весело гледајќи ме. „Па по ѓаволите, и така стопанот му е мртов!“ Ја подотворив вратата од дворот и му викнав:

– „На Џеки, на!“

Како од топ влета внатре и почна да скока околу мене. Се насмевнав. Имав нов пријател. Пролетта дефинитивно беше дојдена во моето маало…

П.С. А тоа што не сум религиозен, нема никаква врска со оваа случка.